1 За началникот на пејачи. За Кореевите синови. Псалм. Слушајте го ова, сите народи, чујте, сите жители на земјата,
2 вие, деца на народот, и вие високо поставени, богати и бедни заедно!
3 Мојата уста ќе зборува мудрост, и моето срце разумни мисли.
4 Ќе го наведнам увото кон поучна приказна, ќе ја изнесам својата гатанка со китара.
5 Зошто да се палашам во несреќни денови, кога ме опкружи злобата на предавниците,
6 кои се надеваат на својот имот и се фалат со големо богатство?
7 Човек не може никако да го откупи брата си, ниту да му даде на Бога откупнина:
8 цената на животот е превисока и никогаш не ќе ја плати,
9 за да може да живее довека и да не ја види гробната јама.
10 Зашто, и мудрите умираат, гинат и лудиот и безумниот; своите богатства им ги оставаат на други.
11 Во себе мислат; нивните куќи ќе останат засекогаш, нивните станови од колено до колено, иако ги наречуваат земјите со свои имиња.
12 Но човекот со сета своја слава не ќе трае. Сличен е на животните што гинат.
13 Таков е патот на оние што се надеваат напразно, таков е крајот на оние што уживаат во своите зборови.
14 Како стада се збираат во Подземјето, смртта им е пастир; а добрите ќе владеат над нив во утрото. Нивниот облик ќе биде уништен, Подземјето ќе им биде живеалиште.
15 А мојата душа Бог ќе ја истрга од кан?ите на Подземјето и ќе ме прими милостиво.
16 Не бој се ако некој се обогати, и ако се зголеми имотот на неговиот дом:
17 кога ќе умре, ништо не ќе земе со себеси и неговото благо нема да слезе со него.
18 Ако се сметаше за среќен во животот, ќе се зборува дека ти беше добро!
19 И тој ќе дојде во собранието на своите татковци, каде не ќе ја види повеќе светлината.
20 Човекот кој живее неразумно, сличен е на животните што гинат.