Псалми 88 MKB

1 Песна. Псалм. За Корееви синови. За началникот на пејачите на Махалат за понизност за пеење. Учење на Еман Езрахит. Господи, Боже на моето спасение, дење викам, а ноќе тажам пред Тебе.

2 Нека стигне мојата молитва до Тебе, приклони го Своето уво кон мојот повик.

3 Зашто мојата душа е наситена од страдања, мојот живот наближува кон Подземјето.

4 Ме вбројуваат кон оние, што слегуваат во гроб, станав сличен на немоќниот.

5 Моето легло е меѓу мртвите, како убиените што лежат во гробот, за кои веќе не се сеќаваш, од кои ја тргна раката.

6 Ме смести во длабока јама, во темнини, во бездна.

7 Тешко ме притиска Твојот гнев, и со сите Свои бранови ме прекриваш.

8 Ги оддалечи од мене моите познати, направи да им бидам гнасен: затворен сум, не можам да излезам.

9 Очите ми гаснат од тага: викам кон Тебе, Господи, секој ден, кон Тебе ја пружам раката.

10 Зар над мртвите ќе правиш чудеса? Зар сенките ќе станат и ќе Те фалат?

11 Зар во гробот се раскажува за Твојата милост? За Твојата вистина во Гибелта?

12 Зар во темнина се објавуваат Твоите чудеса и Твојата правда во Заборавот?

13 Сепак, јас викам кон Тебе, Господи, пред мугрите, со молитва Те претекнувам.

14 Зошто, Господи, ја отфрлаш мојата душа? Зошто го криеш лицето од мене?

15 Беден сум и умирам веќе од детството, изнемоштев, носејќи ги Твоите морничавости.

16 Преку мене минаа виорите на Твојот гнев, Твоите стравотии ме засекоа,

17 секој ден, ме опкружуваат како вода, сите заедно ме обиколуваат.

18 Ги оддалечи од мене: пријателот и другарот, мракот ми е единствен познаник.