Псалми 55 MKB

1 За началникот на пејачите, на жичани, инструменти. Давидово учење. Послушај ми ја Боже, молитвата, не криј се од мојата молитва:

2 Внимавај на мене и услиши ме! Се измачувам во својата тешкотија,

3 ме збуни викотницата на непријателите и грешничкото угнетување. Се нафрлија врз мене со беззаконие, бесно ме гонат.

4 Срцето ми трепери и смртен страв ме опфати.

5 Страв и трепет дојдоа на мене и ужас ме обзеде.

6 Извикав: „О да имав крилја гулабови, ќе одлетав и ќе се одморев!

7 Ете, би летал далеку, далеку, ќе се настанев во пустината;

8 бргу ќе побарав засолниште од бесна бура и од виорот.”

9 Збуни ги, Господи, изметкај им ги јазиците, зашто гледам насилство и препирка во градот:

10 Дење и ноќе кружат по ѕидиштата, беззаконија и неволји има во него.

11 Среде него: заседа, неправдата и подлоста не заминуваат од неговите улици.

12 Ако ме укореше непријателот, тоа би го претрпел; да се кренеше против мене оној, што ме мрази, би се скрил пред него.

13 Но, тоа беше ти, ти еднаков со мене, мој пријател, мој довереник,

14 со кого другарував слатко и одевме сложно во Божјиот дом.

15 Смртта нека ги најде одненадеж, нека слезат живи во Подземјето, зашто пакоста им е во живеалиштето и во срцето.

16 А јас ќе Го повикам Бога и Господ ќе ме спаси.

17 Навечер, наутро и на пладне ќе плачам тажно, и Тој ќе го чуе мојот глас.

18 Ќе ми даде мир од оние што ме гонат: зашто се мнозина против мене.

19 Бог ќе чуе и ќе ги понизи, Оној, Кој царува од векови, зашто не се поправаат, не се бојат од Бога.

20 Креваат раце на пријателите, го нарушуваат својот завет.

21 Устата им е помека од маст, а срцето за војна спремно; зборовите понежни од масло, а тие се извлечени мечеви.

22 Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот.

23 А нив, Боже, фрли ги во гробната јама! Крвопијците и измамниците не ќе доживеат половина од дните! А јас се надевам на Тебе!