Псалми 84 MKB

1 За началник на пејачи. На гетски свиралки. За Корееви синови. Псалм. Колку се мили Твоите живеалишта, Господи над Воинствата!

2 Мојата душа гине и копнее по Господовите дворови. Моето срце и моето тело извикуваат кон живиот Бог.

3 И врапчето си наоѓа живеалиште и ластовичката гнезденце, каде ќе ги положи своите пилиња: Твоите жртвеници, Господе, над Воинствата, Царе мој, и Боже мој!

4 Блажени се оние што престојуваат во Твојот дом, славејќи Те непрекратно!

5 Блажен е човекот, чија сила е во Тебе, додека се подготвува за свети патишта!

6 Минуваат ли низ сува долина, ја претворуваат во извор на вода, и првиот дожд ја облекува со благослов.

7 Минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога во Сион.

8 Господи, Боже над Воинствата, чуј ја мојата молитва, послушај, Јаковов Боже!

9 Ете, о Боже, штиту наш, погледај го лицето на Својот помазаник!

10 Вистина, еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците.

11 Господ, Бог, е сонце и штит: Тој дава благодат и слава. Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност.

12 Господи над Воинствата, блазе му на оној што се надева на Тебе.