Псалми 50 MKB

1 Асафов псалм. Бог над боговите, Господ, говори и ја вика земјата од изгрејсонце до зајдисонце.

2 Од прекрасниот Сион Бог заблиста:

3 нашиот Бог доаѓа и не молчи. Пред Него врви оган што проголтува, околу Него беснее силна бура.

4 Тој ги повикува одозгоре небесата и земјата, за да му суди на Својот народ:

5 Соберете ги Моите избраници кои со жртва склучија завет со Мене!

6 Небесата ја објавуваат Неговата праведност: Тој е Бог Судија!

7 „Слушај народе мој, Јас ќе зборувам, о Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас, Бог - твојот Бог!

8 Не те корам заради твоите жртви - твоите паленици се секогаш пред Мене.

9 Не ќе земам јунец од твојот дом, ни јарци од твоите трла:

10 зашто се Мои сите горски животни, илјади ѕверови по Моите ридишта.

11 Ги знам сите горски птици, Мое е сè што се движи по полињата.

12 Кога би огладнел не би ти рекол, зашто моја е земјата и сè што ја исполнува.

13 Зар јас да јадам биковско месо, или да пијам јаречка крв?

14 Принеси Му на Бога благодарна жртва, исполни ги своите завети на Сèвишниот!

15 И повикај ме во тежок ден: ќе те ослободам, а ти ќе Ме славиш.”

16 А на грешникот Бог му проговара: „Зошто ги толкуваш моите наредби, зошто го ставаш Мојот завет во твојата уста?

17 Ти, кому стегањето не му е пријатно, па моите зборови ги фрлаш зад плеќи?

18 Кога ќе видиш крадец, се побратимуваш со него и се дружиш со прељубници.

19 Својата уста му ја предаде на злото, а твојот јазик плете измами.

20 Во друштво зборуваш против брата си и го клеветиш синот на својата мајка.

21 Сè тоа го правеше, а Јас да молчам? Зар мислиш дека Јас Сум сличен на тебе? Ќе те изобличам и ќе ти го ставам сето тоа пред очи.

22 Сфатете го ова сите вие, кои го заборавивте Бога, да не ве грабнам, и никој не ќе ве избави.

23 Вистински Ме почитува оној што принесува благодарни жртви и на оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение.”