Псалми 145 MKB

1 Давидова благодарност. Ќе Те прославувам о Боже, мој Царе, ќе го благословувам Твоето име секогаш и довека.

2 Ќе Те славам секој ден, ќе Го фалам Твоето име секогаш и довека.

3 Господ е велик и достоен за секоја пофалба, Неговата величина е недостижна!

4 Од поколение во поколение се фалат Твоите дела и се навестуват Твоите силни дела.

5 Ќе зборувам за блескавата слава на Твоето величие, и за Твоите чуда.

6 Кажуваат за страотната сила на Твоите дела, јас ќе ја раскажувам Твојата величина.

7 Го разгласуваат споменот за Твојата голема благост, и ја опеваат Твојата правда.

8 Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив.

9 Господ е благ за сите, милостив за сите Свои дела.

10 Нека Те слават, Господе, сите Твои дела, и твоите свети нека Те благословуваат!

11 Нека зборуваат за славата на Твоето Царство, нека говорат за Твојата сила.

12 Да ги објават на човечките деца: Твојата сила и славата на Твоето прекрасно Царство.

13 Твоето царство е вечно Царство, Твоето владеење за сите поколенија.

14 Господ ги поткрепува сите кои паѓаат и Тој ги исправа наведнатите.

15 Очите на сите се свртени кон Тебе, Ти им даваш храна во право време.

16 Ти ја отвораш Твојата рака, и наситуваш желбата на сè живо.

17 Праведен Си, Господи, на сите Твои патишта, и добар Си во сите Твои дела.

18 Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено.

19 Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува.

20 Господ ги пази оние, кои Го љубат, а ќе ги сотре сите злосторници.

21 Нека мојата уста искажува фалба на Господа, и секое тело нека Го слави Неговото свето име, секогаш и довека.