Псалми 40 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Јас се надевав цврсто во Господа, и Тој се наведна кон мене и го послуша мојот повик.

2 И ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори.

3 Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа.

4 Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа, и не е склон кон горделивите, ниту кон оние што отстапуваат лажно.

5 О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни - Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, Но премногу се за да можат да бидат преброени.

6 Не Ти се мили ни жртвите ни приносите, туку ми ги отвори ушите; не бараш паленица ни покајнички принос.

7 Тогаш реков: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене;

8 мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.”

9 Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни; о Господи, сè Ти е познато.

10 Нема да ја кријам Твојата правда во срцето, ќе раскажувам за Твојата верност и за Твоето спасение. Нема да ги тајам ни Твојата добрина, ни Твојата вистина во големото собрание.

11 А Ти, о Господи, не ми ја скратувај Твојата добрина; Твојата милост и Твојата вистина нека ме чуваат секогаш.

12 Зашто ме опкружија безбројни зла, моите беззаконија ме стигнаа, така што не можам да гледам; ги има повеќе од влакната на мојата глава, и затоа моето срце се онемошти.

13 Господи, благоволи да ме избавиш; Господи, побрзај да ми помогнеш!

14 Нека се засрамат и нека се збунат сите, што ја бараат гибелта на мојата душа. Нека се повлечат и нека се посрамат, оние, кои се радуваат на мојата несреќа!

15 Нека се скаменат во својот срам, оние, кои ми велат: „ха, ха!”

16 Нека се радуваат и нека се веселат во Тебе, сите, кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен!” Сите, кои го љубат Твоето спасение.

17 Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител; о Боже мој, не задоцнувај!