1 За началникот на пејачите. Не погубувај! Давидово пишување. Зборувате ли вистина, правда, вие силници, праведно ли судите, човечки синови?
2 Не, туку смислено беззаконие правите, вашите раце делат неправда по земјата.
3 Безбожниците се на крив пат уште од раѓањето, лагачите се на крив пат од мајчината утроба.
4 Во нив е отров како во змијата, како во лутица што ги затнува ушите,
5 за да не го чуе волшебниковиот глас, ни гласот на бајачот што вража искусно.
6 О Боже, скрши им ги забите во устата, о Господи, здроби им ги вилиците на лавчињата!
7 Нека се излеат како водите што истечуваат, кога ќе го растегнеш својот лак, нека бидат како обезглавени.
8 Нека исчезнат како полжав што се топи лазејќи, нека не видат сонце како пометнато новороденче.
9 Пред котлите ваши да го почувствуваат трњето, виорот нека го однесе додека е зелено.
10 Праведникот ќе се израдува кога ќе ја види одмаздата, нозете ќе ги измие во крвта на злосторникот.
11 И ќе речат луѓето: „Праведникот го доби својот плод! Навистина има Бог, Кој суди на земјата!”