1 Песна. Асафов псалм. Господи, не молчи! Боже, не премолчувај и не мирувај!
2 Зашто еве: Твоите непријатели зовреа, а Твоите мразители ја креваат главата.
3 Се заверуваат против Твојот народ и се советуваат против Твоите штитеници.
4 Зборуваат: „Дојдете да ги истребиме, за да не бидат народ, нека не се спомнува повеќе името Израел!”
5 Навистина, едногласно се советуваат и склучија сојуз против Тебе:
6 Шаторите на Едом и Исмаилците, Моавците и Агарјанците,
7 Гевал, Амон и Амалик, Филистимците со жителите на Тир.
8 И Асирците се здружија со нив, им подадоа рака на Лотовите потомци.
9 Направи им како на Мадијамците, како на Сисара и на Јавина при потокот Кисон:
10 кои загинаа близу Ен-Дор и станаа гној за нивите.
11 Направи ги нивните кнезови како Орив и Зив, сите нивни водачи нека бидат како Зевеј и Салман,
12 што викаа едногласно: „Да ги освоиме Божјите краишта!”
13 Дај, О Боже, да бидат како завиорен прав, како плева што ветерот ја носи.
14 Како што огнот ја голта гората, како што пламенот ги изгорува шумите,
15 гони ги така со Својата бура, исплаши ги со Својот виор!
16 Покри им го лицето со срам, за да го бараат Твоето име, Господи!
17 Нека се засрамат и плашат засекогаш, нека се срамат и нека изгинат!
18 Нека знаат: Ти си, Чие Име е - Господ! Единствен, Сèвишен на целата земја.