1 За началникот на пејачите. Давидов псалм. Кога пророкот Натан дојде при него, откако Давид беше при Витсавеа. Смили ми се Боже, според Твоето милосрдие, според големите помилувања избриши го моето беззаконие!
2 Измиј ме целиот од мојата вина, очисти ме од мојот грев.
3 Зашто го признавам своето беззаконие, мојот грев е секогаш пред мене.
4 Тебе, само Тебе, Ти згрешив и направив што е зло пред Тебе: ќе бидеш праведен кога ќе проговориш, кога ќе пресудиш без прекорување.
5 Еве, грешен сум веќе роден, во грев ме зачна мојата мајка.
6 Ете, Ти љубиш искрено срце, ме учиш на мудрост во длабочината на душата.
7 Пороси ме со босилек, за да се очистам, измиј ме и ќе бидам побел од снегот!
8 Дај ми да чујам радост и веселба, за да се зарадуваат скршените коски!
9 Заврти го лицето од моите гревови, избриши го сето мое беззаконие!
10 Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене!
11 Не ме отфрлај од Твоето лице и не одземај го Твојот Свет Дух од мене!
12 Врати ми ја радоста на Своето спасение и поткрепи ме со слободен дух!
13 Ќе ги научам беззакониците на Твоите патишта и грешниците ќе Ти се обратуваат.
14 Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже, Спасителе мој! Нека мојот јазик се зарадува за Твојата правда.
15 Господи, отвори ги моите усни, и мојата уста ќе ја разгласува Твојата фала.
16 Не Ти се мили жртви, кога би принесувал паленица, Ти не би ја примил.
17 Смирениот дух е жртва на Бога, нема да го презреш, Боже, понизното и покајничко, срце.
18 Биди му милостив на Сион со Својата добрина, и пак изгради ги ерусалимските ѕидови.
19 Тогаш ќе Ти бидат мили праведните жртви, приноси и паленици, и тогаш ќе бидат принесувани телиња на Твојот жртвеник.