Псалми 94 MKB

1 Боже, одмазднику, Господи, Боже одмазднику, покажи се:

2 стани Ти, Судија на земјата, плати им на гордите, според заслугата!

3 До кога грешниците, о Господи, до кога грешниците ќе ликуваат?

4 Тие зборуваат дрски зборови, беззакониците се фалат.

5 Го угнетуваат Твојот народ, Господи, и го притискаат Твоето наследство;

6 убиваат вдовица и туѓинец, им го одземаат животот на сирачињата.

7 И зборуваат: „Господ не гледа! Не забележува Јакововиот Бог!”

8 Разберете, безумници во народот: глупци, кога ќе се вразумите?

9 Не слуша ли Оној, што го засадил увото? Не гледа ли Оној, Кој го создаде окото?

10 Не казнува ли Оној, Кој ги воспитува народите? Оној, Кој ги учи луѓето на мудрост?

11 Господ ги знае човечките мисли, тие се празни.

12 Блажен е човекот, кого Ти го поучуваш, Господи, и го учиш на Својот Закон:

13 да му дадеш мир во несреќни денови, додека се копа гроб за злочинецот.

14 Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и не ќе го напушти Своето наследство;

15 зашто правдата ќе и биде досудена на справедливоста, и по неа ќе одат сите со чисти срца.

16 Кој ќе стане, за мене, против злосторникот? Кој ќе се заземе за мене, против злочинците?

17 Ако Господ не ми помагаше, брзо ќе слезев во место на тишина.

18 Штом помислам: „Ногата ми се подлизнува,” о Господи, Твојата добрина ме потпира.

19 Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата.

20 Зар е безбожното судилиште во Сојуз со Тебе, кога создава неправда со помош на законот?

21 Само нека ја притискаат душата на праведниот, нека осудуваат невина крв.

22 Господ ми е тврдина, Бог - засолниште на моето прибежиште.

23 Ќе им плати за нивното беззаконие, ќе ги истреби со нивната злоба, ќе ги истреби Господ, нашиот Бог.