Псалми 147 MKB

1 Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е добар, пејте Му на нашиот Бог, зашто е благ; Тој е достоен за секаква пофалба.

2 Господ го гради Ерусалим, ги собира распрснатите Израелци.

3 Тој ги исцелува оние што се со скршено срце и ги преврзува нивните рани.

4 Тој го одредува бројот на ѕвездите, секоја ја наречува со нејзиното име.

5 Нашиот Бог е велик и Сèсилен, нема мерка за Неговата мудрост.

6 Господ ги поткрепува понизните, злосторниците ги понизува до земјата.

7 Пејте Му на Господа благодарна песна, свирете Му на псалтир на нашиот Бог!

8 Ги покрива небесата со облаци и и подготвува дожд на земјата; прави да расте трева по горите.

9 Тој му дава храна на добитокот, и на младите гаврани кога гракаат.

10 Тој не се грижи за коњската сила, ниту Му се мили човековите нозе.

11 На Господа Му се мили оние, кои се бојат од Него, кои се надеваат на Неговата милост.

12 Слави Го Господа Ерусалиме, фали Го Твојот Бог, Сионе!

13 Тој ги зацврсти лостовите на твоите врати, ги благословува твоите синови сред тебе.

14 Тој им даде мир на твоите граници, те храни со најдобра пченица.

15 Својата заповед ја праќа на земјата, Неговото слово трча многу брзо.

16 Го расфрла снегот како волна, распрснува слана како пепел.

17 Тој истура град како залаци, кој може да устои пред Неговите студови.

18 Го испраќа Својот збор, и ги растопува, дувнува со ветер, и водите истечуваат.

19 Своето Слово му го објави на Јакова, своите повелби и закони на Израел.

20 Не постапи така со ниеден друг народ, своите наредби на ниеден не му ги објави. Алилуја!