Псалми 140 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Избави ме, Господи, од злобен човек, заштити ме од човек насилник;

2 од оние што измислуваат зла во срцето, и цел ден се собираат за бој.

3 Како змии ги изоструваат своите јазици, змијски отров им е под усните.

4 Спаси ме, Господи, од раката на злосторникот, чувај ме од човек насилник, кој сака мојата нога да се сопне.

5 Гордите ми поставуваат потајна стапица, со јажиња плетат мрежа, крај патот ми поставуваат клопки.

6 Извикав кон Господа: „Ти си мој Бог! послушај го, о Господи, викот на моите молитви!

7 Господи, мој Господи, мој силен Спасителе, засолни ми ја главата во денот на бој!”

8 Не оставај да се исполни желбата на злотворот, не оставај тој да ги изврши своите намери, за да не се издигне!

9 Нека не подигнат глава оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивните усни!

10 Нека паѓаат врз нив распалени јаглења, нека паднат во јами, за да не станат повеќе!

11 Клеветникот не ќе се одржи на земјата, несреќата ќе го грабне одненадеж насилникот.

12 Знам дека Господ ќе му даде право на бедниот и правда на сиромашниот.

13 Навистина, праведните ќе го слават Твоето име, непорочните ќе престојуваат пред Твоето лице.