Псалми 118 MKB

1 Алилуја! Благодарете Му на Господа, зашто е благ, зашто е вечна Неговата милост!

2 Нека рече Израелевиот дом: „Вечна е Неговата милост!”

3 Нека рече Ароновиот дом: „Вечна е Неговата милост!”

4 Нека речат сите што се бојат од Господа: „Вечна е Неговата милост!”

5 Го повикав Господа во тешкотија: Господ ме услиши и ме ослободи.

6 Господ е со мене и јас не се плашам: што може да ми направи човек?

7 Господ е со мене, помеѓу моите помошници, затоа гледам радосно на оние кои ме мразат.

8 Подобро е да се надева некој на Господа, отколку да се надева на човек;

9 подобро е некој да се надева на Господа, отколку да се надева на кнезовите.

10 Сите народи ме опкружија, ги истребив во Господовото име.

11 Ме опкружија отсекаде; ги истребив во Господовото име.

12 Ме опкружија како пчели, нивното боцкање жеже како запалени трња: ги истребив со Господовото име.

13 Ме туркаа, силно за да паднам, но Господ ми помогна.

14 Господ е моја сила и песна, Тој ми е спасител.

15 Чуј! Радост и спасение се слуша во шаторите на праведниците; Господовата десница се прослави,

16 Господовата десница ме издигна, Господовата десница се прослави!

17 Не, нема да умрам, туќу ќе живеам и ќе ги кажувам Господовите дела.

18 Господ ме казни со тешка казна, но не ме предаде на смрт.

19 Отворете ми ги ширум вратите на правдата, ќе влезам, ќе Му благодарам на Господа!

20 Ова се Господовите врати, праведниците влегуваат низ нив!

21 Ќе Ти благодарам што ме послуша и стана мој спасител.

22 Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана крајаголен камен.

23 Тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи!

24 Ова е денот што Господ Го направи да Му воскликнуваме и да Му се радуваме Нему!

25 О Господи, дај ни спасение! Господи дај ни среќа!

26 Благословен, кој доаѓа во Господово име, ве благословуваме од Господовиот дом.

27 Господ е Бог, Тој ни дава светлина; врзете ја жртвата со јаже за роговите на жртвеникот.

28 Ти си мој Бог - Тебе Ти благодарам: Боже мој - јас Те возвишувам Тебе.

29 Благодарете Му на Господа, зашто е благ зашто е вечна Неговата милост!