Псалми 30 MKB

1 Псалм; песна при обнова на Домот Давидов. Ќе Те возвишам Господи, зашто ме издигна и не ги остави моите непријатели да се радуваат над мене.

2 Господи, Боже мој, Те повикав и Ти ме исцели;

3 Господи, ја извади мојата душа од Подземјето и ме оживеа на работ на гробот.

4 Пејте Му на Господа, Негови избраници, и восфалете Го Неговото свето име!

5 Зашто Неговиот гнев трае само еден миг, а Неговата добрина - цел живот. Плачот доаѓа навечер, а радоста наутро.

6 И јас реков во својата среќа: „Никогаш нема да се поколебам!”

7 О Господи, со Својата добрина, Ти ме постави на гората на надежта, но штом ќе го скриеш Твоето лице, целиот се уплашувам.

8 Тогаш, Господи, извикав кон Тебе, и Го помолив Господа:

9 „Каква полза од мојата крв, каква корист ако слезам в гроб? Зар правта ќе те слави и ќе ја проповеда Твојата вистина?”

10 Послушај Господи, и смилувај ми се; Господи, биди ми помошник!

11 Го обрна мојот плач во играње, ја симна од мене вреќата и ме препаша со радост.

12 Затоа мојата душа Ти пее и нема да молкне: Господи, Боже мој, Ќе Те фалам довека!