1 Молитва на страдалник, кога тој тажи и ја излива својата тага пред Господа. Господи, послушај ја мојата молитва, и мојот повик нека стигне до Тебе!
2 Не го криј Твоето лице од мене, во денот на мојата неволја! Наведни го Твоето уво кон мене: во денот кога ќе Те повикам, послушај ме бргу!
3 Зашто моите денови исчезнуваат како дим, а моите коски горат како оган.
4 Моето срце се суши како косена трева и заборавам да го јадам мојот леб.
5 Од моите силни офкања, моите коски се долепија до мојата кожа.
6 Сличен сум на несит во пустина, станав како буф во пуста урнатина.
7 Лишен сум од сон, како осамено врапче на покривот.
8 Секојдневно ме укоруваат моите непријатели, тие што беснеат на мене, проколнуваат со моето име.
9 Јадам пепел како леб, а својот пијалак го мешам со солзи,
10 заради Твојата лутина и гневот, зашто ме воздигна и ме фрли.
11 Моите денови се како издолжена сенка, а јас, ете, се сушам како трева.
12 А Ти, о Господи, остануваш довека, и Твоето име низ сите родови.
13 Стани, смилувај му се на Сион: Време е да му се смилуваш, сега е часот!
14 Зашто мили им се неговите камења на твоите слуги, ги жалат неговите урнатини.
15 Тогаш, Господи, многубошците ќе се бојат од Твоето име, и сите цареви на земјата од Твојата слава.
16 Кога Господ пак ќе го изгради Сион, кога ќе се покаже во Својата слава,
17 кога ќе погледне кон молитвите на лишените, и не ја презре нивната молитва.
18 Нека се запише ова за идното поколение, и луѓето што ќе бидат создадени, ќе Го фалат Господа.
19 Зашто Бог гледа од Своето возвишено светилиште, гледа од небесата кон земјата,
20 за да ги чуе воздишките на затворените, за да ги ослободи осудените на смрт,
21 за да се навести Господовото име на Сион, и Неговата фала во Ерусалим,
22 кога ќе се соберат народите и царствата, за да Му служат на Господа.
23 Патем ги истроши моите сили, ми ги скрати деновите.
24 Реков: „Мој Боже, не ме земај во средина на моите дни! Твоите години остануваат низ сите поколенија.
25 Во почетокот ја основа земјата и небото е дело на Твоите раце.
26 Тие ќе исчезнат, а Ти ќе останеш, сè ќе остарее како облеката. Ги менуваш како облеките, и ги снемува.
27 Ти си секогаш ист - нема крај на Твоите години.
28 Децата на Твоите слуги ќе живеат во мир, и нивното потомство ќе трае пред Тебе.”