Псалми 148 MKB

1 Алилуја! Фалете Го Господа од небесата, фалете Го во височините!

2 Фалете Го, сите Негови ангели, фалете Го, сите Негови воинства!

3 Фалте го, сонце и месечино, фалете Го, сите светли ѕвезди!

4 Фалете Го, небесни небеса, и води над небесниот свод!

5 Нека го фалат Господовото име, зашто Тој заповеда и се создаде.

6 Ги постави засекогаш и довека, според закон што нема да помине.

7 Фалете Го Господа од земјата, морски чудовишта и сите бездни,

8 Оган и град, снег и магла, виорен ветер, што го исполнува Неговото слово!

9 Планини и сите ридови, плодоносни стебла и сите кедрови,

10 Ѕверови и сите животни, Лазачи и крилати птици!

11 Земски цареви и сите народи, кнезови и земски судии!

12 Момчиња и девици, старци со децата заедно.

13 Сите нека Го фалат Господовото име, зашто единствено Неговото име е возвишено! Неговата слава е над земјата и небото,

14 Тој ја поткрева силата на Својот народ, Тој ги прославува своите свети, Израелевите синови - народ што Му е близок. Алилуја!