Псалми 135 MKB

1 Алилуја! Фалете Го Господовото име, фалете Го, Господови слуги,

2 Кои престојувате во Господовиот дом, во дворовите на Домот на нашиот Бог!

3 Фалете Го Господа, зашто Господ е благ, пејте Му на Неговото Име, зашто тоа е мило.

4 Зашто Господ го избра Јакова за Себеси, Израел за драга сопственост.

5 Знам дека Господ е Велик, дека е Господар над сите богови.

6 Што и да Му се допадне на Господа, тоа го прави на небото и на земјата, во морето и во бездните.

7 Облаци крева од крајот на земјата, му создава молњи на дождот, го вади ветрот од неговите засолништа.

8 Тој ги погуби првородените во Египет, луѓето и добитокот еднакво.

9 Тој испрати знаци и чудеса сред тебе, Египете, против фараонот и сите негови слуги.

10 Тој погуби многу народи и погуби моќни цареви:

11 аморејскиот цар Сихон, и васанскиот цар Ог, и сите ханаански царства.

12 И му ја даде нивната земја во наследство, во наследство на Израел, на Својот народ.

13 Твоето име, о Господи, останува довека, и споменот за Тебе, о Господи, од род до род.

14 Затоа Господ ќе го суди Својот народ, Тој им е милостив на Своите слуги.

15 Незнабожечките идоли, се сребро и злато, тие се дело на човечки раце:

16 имаат уста, а не зборуваат; имаат очи, а не гледаат,

17 имаат уши, а не слушаат; и нема здив во нивните усти.

18 Такви се и оние што се надеваат на нив.

19 Израелев Доме, благословувај Го Господа! Аронов Доме, благословувај Го Господа!

20 Левиев Доме, благословувај Го Господа! Кои се боите од Господа, благословувајте Го Господа!

21 Благословен да биде Господ од Сион, кој живее во Ерусалим. Алилуја!