Псалми 143 MKB

1 Давидов псалм. Господи, послушај ја мојата молитва, чуј ја мојата молба, по Твојата вистина; услиши ме по Твојата правда.

2 Не оди на суд со Твојот слуга, зашто никој жив не е праведен пред Тебе!

3 Непријателот ми ја гони душата, до земјата го притисна мојот живот; ме фрли да престојувам во темнина, како оние што умреа одамна.

4 Мојот дух веќе примира во мене, моето срце трпне во градите.

5 Си спомнувам за минатите дни, размислувам за сите Твои дела; размислувам за делата на Твоите раце.

6 Ги пружам своите раце кон Тебе, мојата душа, како сува земја, жеднее по Тебе.

7 Послушај ме поскоро, о Господи, мојот дух изнемоштува! Не криј го Своето лице пред мене, за да не станам како оние што слегуваат во гробовите.

8 Соопшти ми ја наутро Твојата милост, зашто се надевам на Тебе. Покажи ми го патот по кој да тргнам, зашто ја вознесувам душата кон Тебе.

9 Избави ме, Господи, од моите непријатели, јас прибегнувам кон Тебе.

10 Научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си мој Бог. Твојот благ Дух нека ме води по рамен пат!

11 Заради Твоето име, Господи, оживи ме, заради Твојата справедливост изведи ми ја душата од тешкотија!

12 Според Твојата милост, сотри ги моите непријатели, погуби ги моите угнетувачите на мојата душа, зашто јас сум Твој слуга.