Псалми 64 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Послушај го, Боже, гласот на мојата жалба, чувај ми го животот од страшен непријател!

2 Штити ме од множество лукави, скриј ме од бесот на злодејците.

3 Кои ги острат јазиците како мечеви, исфрлаат отровни зборови како стрели,

4 за да го ранат потајно невиниот, за да го ранат одненадеж, не плашејќи се од ништо.

5 Подготвени се за пакосно дело, смислуваат како да постават крадум стапици и зборуваат: „Кој ќе нè види?”

6 Измислуваат злодела, спремни сме со смислени намери: мислата и човечкото срце се длабока бездна.

7 Но Бог ги ранува со стрела, одненадеж ги прекриваат рани.

8 Сопствениот јазик ќе ги сопне, ќе бегаат од нив оние што ги гледаат:

9 сите се плашат, го слават Божјото дело и мислат за она што Тој направи.

10 Праведникот се весели во Господа, на Него се надева; и чесните извикуваат радосно со сето срце.