Псалми 21 MKB

1 За пејачки началник. Давидов псалм. Господи, царот се весели со Твојата сила, колку му е голема радоста дека Ти спасуваш!

2 Ти ја исполни желбата на неговото срце и не ја одби молитвата на неговите усни.

3 Зашто Ти го пресретна со благослови на добрината, врз главата му стави круна од чисто злато.

4 Тој Те молеше за живот, и Ти му даде премногу дни - за вечни векови.

5 Со Твојата помош, неговата слава е голема, го украси со чест и величество.

6 Зашто Ти го направи благословен довека, го развесели со радоста на Своето лице.

7 Навистина, царот се надева на Господа, и заради благоста на Сèвишниот нема да се колеба.

8 Твојата рака ќе ги најде сите Твои непријатели, Твојата десница ќе ги најде оние што Те мразат!

9 Ќе ги направиш како вжарена печка, во времето на Твојата лутина! Господ ќе ги сотре со гнев и огнот ќе ги голтне!

10 Ќе го сотреш нивниот плод од земјата и нивното потомство помеѓу човечките чеда.

11 Зашто, намислија зло против Тебе, подготвија заговор и не можеа да го исполнат.

12 Затоа Ти ќе ги натераш да го свртат грбот, и Својот лак ќе го насочиш кон нивното лице.

13 Стани, Господи, со Својата сила! Ние ќе пееме и ќе ја славиме Твојата сила.