1 Давидов псалм (Пред помазаник). Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Господ е штит на мојот живот, пред кого да треперам?
2 Кога ќе се доближат до мене злосторниците, моите противници и непријатели, за да ми ја изедат снагата, тие се сопнуваат и паѓаат.
3 Ако војска се крене против мене, моето срце не се бои; ако избувне и војна против мене, и тогаш сум полн со надеж.
4 За едно Му се молам на Господа, само тоа го барам: Да живеам во Господовиот дом, во текот на сите дни на мојот живот; да уживам во Господовата убавина, и да истражувам во Неговиот Храм.
5 Тој ме засолнува во Својот шатор, во зол ден; ме крие во скрилница на Својот шатор, Тој ме издига на карпа.